Земјите од Западен Балкан заеднички ќе ја подобруваат конкурентноста

29.09.2014 14:21

Повеќе инвестиции и извоз, подобро стручно оспособување и структурни реформи во образовните системи, како и зголемување на правната сигурност и владеењето на правото се клучните области на кои треба да поработат земјите од Западен Балкан за подoбрување на конкурентноста на нивните економии.

Повеќе инвестиции и извоз, подобро стручно оспособување и структурни реформи во образовните системи, како и зголемување на правната сигурност и владеењето на правото се клучните области на кои треба да поработат земјите од Западен Балкан за подoбрување на конкурентноста на нивните економии.

За зголемување на конкурентноста, пак, на компаниите на домашно, но и на локално ниво недостасуваат квалитетна сообраќајна, комунална и енергетска инфраструктура, и поинтензивна соработка заради трговско инфраструктурно поврзување. Затоа е потребно да се поттикне регионалната соработка во областа на инфраструктурните проекти, енергетиката и проектите за размена на млади. 

Ова се главните заклучоци од регионалната конференција „Економијата – основа за поврзување на Западен Балкан – насоки за подигнување на конкурентноста на компаниите од регионот“ што минатата недела се одржа во Црна Гора, а на која присуствуваа и претставници од Стопанската комора на Македонија.

На состанокот, како што рече Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција, било посочено дека честото менување на прописите оневозможува правна сигурност, а со тоа и привлекување на странски инвестиции.

Потребно е регионот да се претстави како атрактивно место за инвестирање и преку заеднички  прекугранични проекти да отпочне блиска соработка за промоција на регионалниот економски развој. За да има повеќе инвестиции неопходно е зголемување на правната сигурност, а тоа, пак, значи дека во сите земји во регионот би требало да постои поголема усогласеност на прописите со правото на Европската унија, нагласи Милевска-Штрбевска.