Дипломатија

Муцунски - Саар: Македонија и Израел со нови можности за продлабочување на соработката

25.08.2026 09:52

Македонија и Израел ќе ја продлабочуваат соработката во економијата, одбраната, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот. На средбата во Израел, министрите Тимчо Муцунски и Гидеон Саар потпишаа два билатерални документи за соработка во повеќе области.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на посетата на Израел се сретна со својот израелски колега Гидеон Саар. На средбата биле потврдени добрите билатерални односи и заедничката определба за нивно натамошно продлабочување.

Муцунски истакна дека целта е политичките односи меѓу двете земји да се преточат во поконкретна соработка, особено во економијата, одбраната и одбранбената индустрија, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот.

По средбата, двајцата министри потпишаа Програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот за периодот 2026–2029 година, како и Меморандум за разбирање за билатерални економски консултации меѓу двете министерства за надворешни работи.

Муцунски изрази благодарност до Израел и израелскиот народ за солидарноста и поддршката по трагедијата во Кочани.

Од двете страни била изразена подготвеност партнерството да продолжи да се надградува преку конкретни проекти, посилни економски врски и отворање нови можности за соработка.