Влада

Училишната кошничка денеска на владина седница

25.08.2026 09:01

Владата денеска треба да ја усвои мерката „училишна кошничка“, со која се предвидува намалување на цените на школскиот прибор до 15 отсто. Во пакетите ќе има ранци, тетратки, пенкала, моливи, боички и фломастери, а секој трговец сам ќе ја одредува понудата.

На владина седница ќе се носи одлука за „училишна кошничка“. Со мерката треба да се спречи поскапување на школскиот прибор, пред стартот на учебната година. Министерството за економија и трговците се договорија за намалување на цените до 15 проценти.

На списокот повторно најпотребните работи, од ранци и тетратки, до пенкала, моливи, боички и фломастери. За разлика од претходните две, годинава ќе се применува различен модел. Секоја продавница сама ќе си прави свој пакет, па цената ќе зависи од тоа кои производи ќе ги понуди, од брендот и од квалитетот. Според надлежните, училишната кошничка во претходните две години на семејствата им овозможила да заштедат околу 2 илјади денари по ученик.

Сепак, првиот школски ден и натаму носи солидна сметка. За основна опрема на едно прваче потребни се најмалку 5 илјади, а за оние кои сакаат покомплетен прибор, трошокот е меѓу 7 и 10 илјади денари.