Трамп најави царини од 50 отсто за канадските возила, делови и челик
Трговската војна меѓу САД и Канада влегува во нова, поостра фаза. Само неколку дена откако стапија во сила американските царини од 50 насто за околу 20 илјади канадски производи, Трамп повторно ја нападна Отава и најави нов удар – од 1 јануари наредната година царини од 50 насто за канадските автомобили, камиони, автомобилски делови и челик.

Трговската војна меѓу САД и Канада влегува во нова, поостра фаза. Само неколку дена откако стапија во сила американските царини од 50 насто за околу 20 илјади канадски производи, Трамп повторно ја нападна Отава и најави нов удар – од 1 јануари наредната година царини од 50 насто за канадските автомобили, камиони, автомобилски делови и челик.
„Канада со години ги искористува САД. Тоа веќе нема да продолжи. Од 1 јануари 2027, царините за сите автомобили, камиони, автомобилски делови и челик ќе бидат зголемени на 50 насто. Канада повеќе нема да биде третирана како сојузна држава. Ние им требаме на нив, а не обратно!“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Трамп ги предупреди канадските власти да се „вразумат“, во спротивно, порача, последиците ќе бидат „МНОГУ ПОЛОШИ!“. Истовремено, ја обвини Отава за прекинот на трговските преговори.
„Канаѓаните дојдоа кај нас и рекоа дека сакаат да преговараат. Ние се согласивме, но преговорите не дадоа резултат. Тие одлучија да ги прекинат преговорите. Во меѓувреме, само продолжуваме со нашата трговска политика“, изјави Џејмисон Грир, трговски претставник на САД.
Отава возвраќа, од 8-ми септември воведува контра-царини за американски производи од погодените сектори – челик, млечни производи, апарати за домаќинство, земјоделска опрема, хартија и електроника.
„Не можевме да го прифатиме она што САД го понудија, ниту да го дадеме она што тие го бараа. Целта отсекогаш била најдобар договор за Канаѓаните, а не договор по секоја цена. Ќе се вратиме на преговарачката маса само кога САД ќе заземат правилен став кон канадските индустрии“, канадскиот премиер, Марк Карни.
Од Онтарио стигнува поддршка за Карни, но и предупредување дека последиците од трговскиот конфликт веќе се чувствуваат од двете страни на границата.
„Ќе бидеме тука за вас, да ги заштитиме вашите работни места и да се заложиме за Канада“, рече Даг Форд, премиер на Онтарио.
Автомобилската индустрија е особено изложена. Онтарио е центар на канадското производство, а фабриките и добавувачите се тесно поврзани со американските погони, особено во Мичиген. Американските бизниси веќе предупредуваат дека повисоките царини ги зголемуваат трошоците.
„Со царина од 50 отсто, сите тие трошоци драстично се зголемија. Само еден проект го чинеше нашето семејство илјадници долари профит. Да се каже дека не ни треба Канада е неискрено, нечесно и апсолутно не е вистина“, изјави Мајкл Хауард, сопственик на фирма во Мичиген.
САД и Канада со децении беа меѓу најтесно поврзаните трговски партнери во светот. Сега, со новите царини и контрамерки, некогашниот сојузник станува сè подлабок трговски противник, а сметката расте од двете страни на границата.
Бојана Крстевски
