Македонија

Сиљановска-Давкова: Родово-одговорното буџетирање е нужност за креирање подобри јавни политики

25.08.2026 11:56

На средбата со Дајан Елсон, Глорија Аларкон-Гарсија, Кристина Мишева и Марија Ристеска било разговарано за улогата на родово-одговорното буџетирање во креирањето квалитетни јавни политики, како и за придонесот на науката и граѓанското општество во процесот на носење одлуки.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретна со претставнички на Научниот одбор на меѓународната конференција за родово-одговорно буџетирање, која се одржува во Охрид.

На средбата со Дајан Елсон, Глорија Аларкон-Гарсија, Кристина Мишева и Марија Ристеска било разговарано за улогата на родово-одговорното буџетирање во креирањето квалитетни јавни политики, како и за придонесот на науката и граѓанското општество во процесот на носење одлуки.

Сиљановска Давкова оцени дека родово-одговорното буџетирање не треба да се гледа само како техничка категорија, туку како потреба при утврдувањето на државните приоритети, со цел јавните средства да одговорат на различните потреби на граѓаните, особено на ранливите категории.

Според неа, целта не е само родово-одговорен, туку добар, транспарентен и одговорен буџет, заснован врз докази и насочен кон создавање јавна вредност.

Претседателката ја истакна и важноста од соработката меѓу науката, граѓанското општество и институциите, оценувајќи дека најдобрите политики се создаваат преку обединување на знаењето, искуството и институционалната одговорност.

Како значаен придонес на Мрежата и Заедницата, таа ја посочи и публикацијата „Родово одговорното буџетирање во јужноевропски контекст“, објавена од меѓународната издавачка куќа Palgrave Macmillan, чија уредничка е д-р Марија Ристеска.