Телекомуникации

Потпишана е Спогодбата за поевтин роаминг!

29.09.2014 14:29

Ставен е параф на Спогодбата која треба да донесе за пет пати пониски цени на разговорите и на СМС пораките, и драстично поевтинување во делот на мобилниот интернет, со што на граѓаните значително ќе им се олесни патувањето во странство...

Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора си подадоа рака за поевтин роаминг. Ставен е параф на Спогодбата која треба да донесе за пет пати пониски цени на разговорите и на СМС пораките, и драстично поевтинување во делот на мобилниот интернет, со што на граѓаните значително ќе им се олесни патувањето во странство.

„Еден мегабајт сурфање на интернет ќе чини 20 евроценти, а во моментот цената надминува 10 евра. Разликата во цена е огромна и затоа граѓаните воопшто и не користат мобилен интернет кога патуваат во странство“,  изјави Роберт Орданоски, директор на АЕK.

Договорено е во наредниот период да се формира координативно тело кое ќе ја утврди динамиката на намалување на цените во наредните 3 години. Надлежните сметаат дека со падот на цените драстично ќе се зголеми обемот на сообраќај, па оттука очекуваат дека во операторите ќе најдат партнери, а не противници.

„Слично како и во регионот, и нашите мобилни оператори не се најсреќни со оваа иницијатива, но ја разбираат потребата. Ние имаме одлична соработка со нив и затоа ќе ги вклучиме во работата на координативното тело и ќе имаат влијание во неговата работа“, рече Марта Арсовска – Томовска, заменик – министер за информатичко општество и администрација.

Босанците веќе добиле согласност од операторите во нивната земја за реализација на оваа иницијатива, на која цврсто се решени да опстојат и другите земји - потписнички.

„Ние ќе влеземе во еден процес на промена на законите кои ќе ги дефинираат максималните цени за роаминг услугите, на ист начин како што тоа го направија земјите на ЕУ. Оператоторите можат да понудат и пониски цени, доколку сакаат да се изборат со конкуренцијата“, изјави Расим Љаиќ, потпретседател и министер за телекомуникации на Р. Србија.

„Нормално е операторите да реагираат, тоа е во нивен интерес, но затоа сме ние тука, да ги спроведуваме политиките и да ги дефинираме правците на развој низ креирањето нови закони“, изјави Вуица Лазовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора.

Земјите од регионот не отстапуваат од барањето – поевтиниот роаминг да важи и со земјите – членки на ЕУ, во чии рамки веќе е оперативна оваа мерка. Од преубавата Будванска ривиера, почнаа да ги уриваат цените на роаминг – услугите, со што испратија една силна порака, дека иако се уште не се членки на ЕУ, цврсто се решени да го следат европскиот пример.

Спогодбата е отворена, што значи дека во иднина и Алабанија и Турција можат слободно да се приклучат во оваа иницијатива.

 

Мартин Пушевски, специјален известувач за МРТ од Будва