Туризмот во дигитална трансформација
Смарт туризмот се повеќе го менува начинот на кој туристите ја избираат следната дестинација. Онлајн резервации, дигитални плаќања, виртуелни презентации, во Европа веќе се стандард. Кај нас дигитализацијата оди бавно. Понуда имаме, но недоволно ја пласираме. Тоа е целта на новиот прекуграничен проект со соседна Бугарија.

Смарт туризмот нова шанса за туристичката понуда, но и подобра економија. Во Европа веќе со силен замав. Угостителските објекти и туристичките агенции со онлајн резервации и дигитални плаќања. Се позастапени и виртуелни презентации, поврзување со културни, историски, природни знаменитости. Модерниот турист на тој начин ја планира и избира својата дестинација, сметаат туризмолозите. Ние пак, особено североистокот има што да понуди. Но, дигитализацијата во туризмот и угостителство, барем засега тече бавно. Со одредени позитивни примери.
„Приватниот сектор работи малку со побавно темпо но се прилагодува на модерните процеси. Затоа што модерниот турист го бара тоа дигитално да може да плати, дигитално да види, да земе влезница, да букира, да купи некоја тура, така што сето тоа мора веќе да одиме на нова, односно современа платформа на работење на туризмот и угостителството“, смета професорот Дејан Методијески, од Факултетот за туризам и бизнис логистика.
Според експертите смарт туризмот е систем на поврзани институции. Освен приватниот сектор неопходно е и вмрежување со институциите, невладините организации.
„Ние сме неистражена дестинација во светски рамки, сакаат да видат што имаме но понудата ни е многу ограничена во тие рамки. Вклучувајќи ги и разните технологии, ќе имаме по разновидна, конструктивна понуда, кога ќе дојдат туристи, ќе можат да останат повеќе од два дена, тоа го имаме како податок статистички, гледаме дека туристите во Македонија се задржуваат сосема мал временски период“, дополни професорот Оливер Филиповски, од Факултетот за туризам и бизнис логистика.
Токму тоа е идејата на прекуграничниот проект кој центарот за развој на североисточниот регион од Куманово, започна да го применува со партнери од североистокот и ќустендилскиот регион. По размена на искуства, ќе се креира заедничка, модерна туристичка понуда.
Елена Георгиевска
