Судски совет

Кадровски проблеми во судството

25.08.2026 18:20

Штипскиот Основен суд се соочува со недостиг на судии, а дел од актуелниот состав не може да постапува по предмети од проширена надлежност. Судскиот совет побара итно обезбедување дополнителен судиски кадар.

Штипскиот суд го вклучи алармот во Судскиот совет. Од седум судии кои судат, двајца не можат да постапуваат во суд со проширена надлежност како штипскиот. Членовите на Советот побараа веднаш да се преземат дејствија, да се повлечат барем двајца судии од друг суд, за да може да продолжи судот да функционира.

Иако штипскиот Основен суд не е меѓу оние предложените од ресорното министерство за укинување на 9 од 27 судови во земјава, сепак токму недостигот на судии, а со тоа и ефикасноста на судовите, достапноста и квалитетот на судската заштита, се адресираат како проблем со организацијата на судската мрежа.

Со оваа реформа, трансформацијата од судови во одделенија ќе се однесува на општини чиј број на население е до 20.000 жители и обемот на предметите е до 10.000.

Во некои од судовите што се укинуваат, како на пример судовите во Берово и Крушево, имаше само еден упатен судија од друг град што беше в.д. претседател. Во судовите во Радовиш, Виница и Кратово имаше претседател на суд и уште еден судија.

Советот донесе заклучок при изборот на судиите поротници, да им се прават казнено-кривични проверки.

Фиљана Кока