Сали: Целна експертиза и институционална одговорност за побрзо спроведување на реформите
Министерот за европски прашања Беким Сали порача дека институциите мора да преземат целосна одговорност за спроведувањето на реформите, додека експертската поддршка треба да помогне процесот да биде побрз и поефикасен. На презентација на механизмот PREF, тој ја истакна важноста од исполнување на обврските од Реформската агенда.

Во Центарот за обуки на Министерството за европски прашања денеска беше презентиран Strategic Priorities Expertise Facility (PREF), механизам предложен од Обединетите нации за обезбедување брза и целна експертска поддршка за институциите кои ги спроведуваат реформите.
Сали оцени дека исполнувањето на обврските од Реформската агенда ќе биде од клучно значење за напредокот во рамките на Инструментот за реформи и раст, но и за кредибилитетот на процесот на европска интеграција.
PREF треба да им овозможи на институциите пристап до домашни и меѓународни експерти, при што соодветна експертиза може да биде обезбедена во рок од десет работни дена по одобрувањето на барањето.
Поддршката може да се користи за подготовка на законодавство, проценки на влијание, стратегии и патокази, како и за зајакнување на институционалните капацитети.
Сали нагласи дека ангажирањето надворешни експерти не значи префрлање на одговорноста.
„Надворешните експерти можат да обезбедат знаење, анализи и технички решенија, но приоритетите мора да ги дефинираме ние, процесот мора да го водиме ние, а конечните резултати мора да бидат наша сопственост и наша одговорност за нивното спроведување“, порача Сали.
Министерството за европски прашања, како што беше посочено, ќе продолжи да им дава поддршка на институциите и да ја координира соработката со Обединетите нации.
Сали порача дека успехот на Реформската агенда треба да се мери преку конкретните резултати – подобро функционирање на институциите, придобивки за граѓаните и бизнисите и напредокот на земјата кон членство во Европската Унија.
