ФЗОМ

Од утре Myfortic без доплата за пациентите со трансплантирани органи

25.08.2026 14:46

Пациентите со трансплантирани органи од утре, 26 август, ќе можат да го подигнуваат лекот Myfortic од 180 и 360 милиграми без доплата во договорните аптеки на Фондот за здравствено осигурување. Со завршувањето на сите потребни постапки, пациентите повеќе нема да плаќаат дополнителни 615, односно 1.439 денари за терапијата.

Од Фондот за здравствено осигурување информираат дека се завршени сите постапки за новиот начин на издавање на лекот. Управниот одбор ја дал потребната согласност, направени се измените во Шифрарникот на лекови, а договорните аптеки се известени.

Станува збор за терапија која пациентите со трансплантирани органи ја користат долгорочно, поради што континуираната достапност е од особено значење.

Фондот реагирал откако бил информиран дека алтернативните лекови без доплата во моментот не се достапни на домашниот пазар поради производно-технички причини. Како решение, достапниот оригинаторен лек Myfortic ќе се обезбедува без доплата.

По иницијатива на директорот на Фондот, Златко Перински, прашањето било поставено меѓу приоритетите, а решението било реализирано во координација со Министерството за здравство и стручните служби на Фондот.

Во соопштението се наведува дека цената на Myfortic од 180 милиграми е намалена за 291 денар, а на лекот од 360 милиграми за 2.012 денари. Проектираната заштеда за Фондот само за втората половина од 2026 година изнесува околу еден милион денари.

Од Фондот велат дека со мерката истовремено се обезбедува континуирана терапија без дополнителен трошок за пациентите и се намалуваат трошоците од здравствениот буџет.