Економија

Македонија и Косово ја продлабочуваат царинската соработка за побрза трговија и посигурни граници

25.08.2026 19:57

На средбата било разговарано за унапредување на оперативната соработка, размената на податоци преку SEED и усогласување на царинските процедури. Посебен акцент бил ставен на подобрувањето на инфраструктурата и капацитетите на граничните премини.

Побрза размена на податоци, олеснување на трговијата и поголема безбедност на границата беа во фокусот на средбата на царинските управи на Македонија и Косово во Приштина. Двете страни разговараа и за унапредување на концептот „One-Stop Shop“ на Блаце – Хани и Елезит, како и за усогласување со европските царински стандарди.

На средбата било разговарано за унапредување на оперативната соработка, размената на податоци преку SEED и усогласување на царинските процедури. Посебен акцент бил ставен на подобрувањето на инфраструктурата и капацитетите на граничните премини.

Во рамките на разговорите за европската интеграција биле разменети искуства за реформите и дигитализацијата на царинското работење, како и за подготовките за усогласување со европските системи и стандарди.

Двете страни разговарале и за зајакнување на царинското разузнавање и размената на информации, со цел побрзо откривање и спречување на царински измами, криумчарење и други форми на прекуграничен криминал.

„Границата треба да биде што е можно поедноставна за легалната трговија и патниците, а истовремено силна и ефикасна бариера против криминалот. Преку навремена размена на информации, дигитални алатки и меѓусебна доверба можеме дополнително да ја зајакнеме соработката“, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

Од двете царински управи била потврдена подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката и реализација на конкретни активности за поефикасни царински постапки, олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста на границите.