Економија

Можно намалување на ДДВ за горивата, Владата најавува мерки ако има потреба

25.08.2026 17:12

Владата не ја исклучува можноста за намалување на ДДВ за горивата доколку продолжи растот на цените. Премиерот Мицкоски уверува дека има план за амортизирање на последиците од кризата на Блискиот Исток, без да се загрози макроекономската стабилност.

Можно е намалување на ДДВ за горивата ако има потреба, рече премиерот, според кого кризата на Блискиот Исток може да потрае уште неколку години. Затоа, вели, Владата има план и стратегија да го амортизира ударот. Премиерот останува на ставот дека земјава има најниски цени на горивата во регионот. Мицкоски рече дека внимателно преземаат чекори за да не се наруши макроекономската стабилност во државата.

Според последната одлука на Регулаторна, од неделава литар дизел се продава за 101,5 денари за литар. Поскапувањето, критикува опозицијата, дополнително ќе ги зголеми трошоците за производство и транспорт, а со тоа и притисокот врз цените на храната, обвинувајќи ја Владата дека нема мерки за заштита на стандардот.

Наспроти најавите и црните сценарија на опозицијата, инфлацијата од 16% во нивно време падна на 2,3%, а јавниот и државниот долг се намалуваат, потсетија од Владата.

Инаку, пензиите од септември ќе се зголемуваат согласно законското усогласување, велат од Владата. Како што кажа премиерот, таквата одлука се носи со цел заштита на пензионерите и нивните пензии, оти при претходните линеарни покачувања беа поднесени иницијативи до Уставниот суд за нивно укинување од страна на поединци, поттикнати од опозициските партии. Затоа, според премиерот, натамошниот раст ќе оди исклучиво преку редовно нивелирање согласно Законот.

Борис Грујоски