Политика

Партиски препукувања за предвремени избори

25.08.2026 16:52

Нема датум за предвремени избори, но партиите на големо влегуваат во судир дали да ги има. Мицкоски, иако смета дека не се потребни, вели, ако опозицијата реши ќе прифати избори на кои повторно ќе победи. Од СДСМ обвинија дека Мицкоски подготвува сценарио за предвремени парламентарни избори и вештачко предизвикување на меѓуетнички тензии...

Нема датум за предвремени избори, но партиите на големо влегуваат во судир дали да ги има. Мицкоски, иако смета дека не се потребни, вели, ако опозицијата реши ќе прифати избори на кои повторно ќе победи. Се согласи со лидерот на опозициската СДСМ дека не се исти, но и дека Филипче е кукла на луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија. Му одговори на Филипче на тврдењето дека СДСМ нема да видат алиби за избори.

„Го знаете и нашиот став и ставот на Владата, а тој е дека нејзиниот мандат е четири години. Од она што можам да го видам, опозицијата бледо тактизира кога станува збор за предвремени избори или за меѓуизбори. Но, тоа е што е. Нашиот мандат како Влада е четири години и наш приоритет се граѓаните, интересот на граѓаните и проектите и реформите што треба да ги испорачаме и кои граѓаните ги очекуваат од Владата и она што го испорачуваме во изминатите 25-26 месеци откако оваа Влада е избрана“, изјави претседателот на владата, Христијан Мицкоски.

Од СДСМ повторија дека нема да бидат алиби за предвремени избори. Обвинија дека Мицкоски подготвува сценарио за предвремени парламентарни избори и вештачко предизвикување на меѓуетнички тензии кои според опозициската партија се координирани од српски и руски служби.

„Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Тоа е неверојатно спротивно на она што самиот го кажува. Уште еднаш на почетокот да му порачам дека СДСМ нема да биде алиби за ова сценарио во коешто тој има само улога, макар и главна, но не е режисер. Тој не сака да признае дека главниот проблем и главната причина зошто бара предвремени избори е празниот буџет“, изјави Андреј Жерновски.

По изјавата на бугарската претседателка, Јотова, дека нема да ги напуштат. Бугарите во Македонија и дека имаме заедничка историја, премиерот Мицкоски реагира дека Владата ги штити правата на граѓаните и дека нема да навлегува во дискусија со луѓе заглавени во минатиот век, оти за нас се знае дека историјата, културата и посебноста се стари со векови.

Ирина Гелевска