Украина

Украинските сили повторно ја погодија најголемата рафинерија за дизел на југот на Русија

25.08.2026 20:19

Москва и Киев повторно во жесток судир. Украина ги засилува длабоките удари врз руската енергетска и логистичка инфраструктура, додека Русија се соочува со недостиг на гориво и економски притисок. Киев бара нова воена поддршка и стотици ракети „патриот“, додека европските сојузници порачуваат-поддршката за Украина продолжува.

Продолжуваат заемните напади меѓу Москва и Киев. Украинските сили повторно ја погодија најголемата рафинерија за дизел на југот на Русија, додека Москва се соочува со недостиг на гориво. Кремљ возвраќа дека Киев ја отворил „пандорината кутија“ и сега ги трпи последиците. Европските сојузници пак, ја потврдија поддршката за Украина. Зеленски порача дека земјата мора да има капацитет за напади со долг дострел.

„Мислам дека ова е еден од начините како да се поттикне Путин на преговори. Украина троши 140 милијарди евра за одбрана годишно, во споредба со 340 милијарди евра за Русија. Треба да бидеме конкурентни со бројот на длабоки удари. Потребни ни се најмалку 300 ракети „патриот“ во пресрет на зимата. Секоја ракета значи спасување на животи“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

„За Путин побрзо да разбере дека не може да ја добие оваа војна, Русија треба да го почувствува притисокот. Тие веќе се борат да го финансираат својот воен фонд. И покрај скокот на цените на нафтата, вкупните приходи на Русија се намалени и имаат рекорден дефицит. Но, треба да направиме повеќе за да го намалиме извозот на нафта и течен природен гас“, изјави Енди Бурнам – премиер на Велика Британија.

Финска оцени дека украинските напади врз руските логистички центри се оправдана воена стратегија и можат да придонесат за создавање услови за мировни преговори.

„Погодувањето на логистичките центри е разумна воена стратегија од Украина. Ова е единствениот начин да влеземе во мировните преговори и на масата за преговори“, изјави Александер Стуб – претседател на Финска.

Од Москва пак, пристигнуваат пораки за дипломатија. Првата посета на Галагер на Русија, од почетокот на војната во Украина, отвора простор за хуманитарни иницијативи и можни преговори.

„Тука сме токму затоа што веруваме дека во оваа тешка клима на меѓународни односи, дијалогот е поважен од кога било и светот има поголема потреба од дипломатија од кога било до сега“, изјави Пол Ричард Галагер – секретар на Ватикан за односи со државите и меѓународните организации.

„Ја препознаваме потребата да продолжиме со доверлив дијалог со сите наши партнери, со цел да се најдат решенија за огромниот број проблеми што се насобраа на меѓународната агенда. Успеавме да одржиме доверлив дијалог заснован на меѓусебно почитување и со Ватикан, што ни овозможува да бараме, се надевам, позитивни решенија“, изјави Сергеј Лавров – руски министер за надворешни работи.

Од Кремљ реагираат дека какво било распоредување на трупи на НАТО во Украина би било неприфатливо за Русија.

Катерина Бојаџиева