Продолжува судењето за кочанската трагедија

Несоодветните материјали придонеле пожарот во „Пулс“ брзо да се прошири

25.08.2026 17:34

Професорот Марковски, кој сведочеше во судот во Идризово, посочи дека објектот првично ги исполнувал безбедносните критериуми за лесна индустрија, но не и за дискотека. Според вештачењето, сопственикот изведувал градежни зафати без соодветна дозвола.

Несоодветните материјали од кои бил изграден објектот придонеле пожарот во „Пулс“ да се прошири за брзо време, рече професорот Марковски пред судот одговарајќи на прашањата на одбраната.

Тој и тимот вештаци кои работеле на градежното и урбанистичко вештачење констатираа дека реалниот сопственик на објектот не може да се апстрахира од одговорност, бидејќи правел градежни зафати, поставил столбови и ја зацврстил платформата, а за тоа не побарал дозвола.

Кога објектот своевремено бил изграден, рече вештакот, тој ги задоволувал безбедносните критериуми, но само за намената која требало да ја врши – лесна и незагадувачка индустрија, но не и да биде дискотека.

Семејствата на жртвите сметаат дека одбраната намерно го пролонгира судењето, поставувајќи прашања кои се ирелевантни или претходно одговорени.

На обвинителна клупа за трагедијата во Кочани седнати се 34-ца. Им се суди за тешки дела против општата сигурност.

Анита Димитријевска – Велковска