Мерки

Стартува „училишната кошница“ – најмалку 15% намалување до 30 септември

25.08.2026 18:01

Училишниот прибор од денеска ќе се продава по намалени цени. Владата донесе одлука со која трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените за најмалку 10 отсто, а трговците на мало за најмалку 15 проценти. Мерката ќе важи до 30 септември.

Владата донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, која ќе важи од денот на објавувањето во „Службен весник“ до 30 септември 2026 година.

Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, со мерката трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените за најмалку 10 отсто, додека кај трговците на мало намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти.

Мерката опфаќа широк спектар производи потребни за почетокот на учебната година, меѓу кои ранци и ташни, тетратки и блокови, моливи и пенкала, боички, фломастери, темперни и водени бои, четки, линијари, гуми и острилки, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, папки и други материјали за изработка.

Митева нагласи дека за да се обезбеди транспарентност, трговците ќе треба покрај намалената цена да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година. Таа цена ќе биде основа за пресметување на намалувањето.

Од Владата велат дека целта на мерката е да се намалат трошоците за семејствата во периодот пред почетокот на учебната година и да се намали притисокот врз семејниот буџет.

Мерката ќе важи до 30 септември, а во тој период граѓаните треба да имаат можност да ги набават производите опфатени со одлуката по намалени и јасно означени цени.