Китка повторно гори, огнената линија кај Градско се шири
Китка не стивнува, а нови огнови се отвораат низ земјава. Додека пожарникарите се борат со пламенот, надлежните изнесуваат тешки сомнежи – она што се случува на Китка го нарекуваат чин рамен на тероризам. Пожари избувнуваат еден по друг, а битката со огнот се води на повеќе фронтови низ државата.

Пожарот кај Градско излезе од контрола. Во моментов зафаќа долга огнена линија од речиси 10 километри, движејќи се кон селото Подлес, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Додаваат дека тешката битка со овој пожар се очекува да трае неколку денови.
Неколку денови трае и битката со пожарот на Китка. И покрај тоа што беше целосно изгаснат, сега е повторно распален, а извесно е дека станува збор за подметнување, велат надлежните. На Китка ни се случува тероризам, вели заменик директорот на Македонски шуми, Кире Михалов.
Подметнат пожар и на депонијата во Кавадарци. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека состојбата е алармантна, а пожарот е проширен и надвор од депонијата.
Граѓаните да бидат исклучително претпазливи, бидејќи во овие временски услови и најмала искра може да доведе до катастрофа, предупредуваат од Дирекцијата.
Марија Котовска
