Научници произведоа колачиња од рециклирана пластика

26.08.2026 07:16

Истражувачи од Универзитетот „Саутерн Илиноис“во САД развија нов систем со кој пластичниот и земјоделскиот отпад се претвораат во храна погодна за јадење.

Според истражувањето претставено на симпозиум организиран од Американското хемиско здружение, колачињата наречени „µBites“ („микро-залаци“) се резултат на истражувања започнати во рамките на натпреварот на НАСА за храна за длабоката вселена.

Во рамките на развиениот метод, пластиката од полиетилен терефталат, како и земјоделскиот отпад, меѓу кој стебленца и листови од пченка, со употреба на кислород и вода, под висока температура и притисок се разложуваат на основни јаглеродни компоненти.

Добиената течна суровина потоа се користи за хранење специјално одгледувани култури на квасец, кои ја претвораат во хранлива смеса.

Истражувачите генетски модифицирале различни видови квасец кои можат да произведуваат протеини, масти, витамини, како и состојки што даваат вкус и мирис. На пример, еден вид квасец произведува ванилин, кој обезбедува вкус и мирис на ванила, додека друг произведува бета-каротен - пигментот што му ја дава портокаловата боја на морковот и кој организмот го претвора во витамин А.

Со мешање на состојките се добива тесто, кое потоа се обликува со тридимензионални печатачи за храна, а потоа се пече во микробранова печка и добива форма на колаче.

Лабораториските анализи досега не откриле токсични хемикалии, тешки метали или патогени микроорганизми во храната. Сепак, пред да започнат тестирањата со луѓе, продолжуваат испитувањата со симулирано варење и дополнителните безбедносни тестови.

Во сегашната форма, системот може да претвори повеќе од 50 проценти од јаглеродот содржан во отпадот во храна, а целиот процес трае од еден до два дена.

Научниците сметаат дека технологијата би можела да се користи во тешки услови, како пустини, поларни области, подморници или региони погодени од природни катастрофи. Во иднина, потенцијална примена би можела да има и во вселенските мисии на Месечината и Марс.