Истражување со вештачка интелигенција: Органите стареат со различна брзина

26.08.2026 07:20

Истражување спроведено од Центарот за истражување на молекуларна медицина CeMM при Австриската академија на науките и соодветни институции при Универзитетот во Виена покажа дека органите во човечкото тело стареат со различна брзина.

Во студијата објавена во списанието „Nature Medicine“ биле развиени таканаречени „ткивни часовници“ со помош на вештачка интелигенција, преку кои биолошката возраст на органите била пресметувана врз основа на микроскопски снимки од примероци на ткива.

Во рамките на проектот GTEx биле анализирани повеќе од 25 илјади дигитални снимки со висока резолуција од 40 различни видови ткива, земени од 983 лица. Моделите за компјутерска визија што биле користени во истражувањето утврдиле дека промените во структурата на ткивата се директно поврзани со биолошкото стареење, а не само со хронолошката возраст.

Развиените „ткивни часовници“ можеле да ја проценат биолошката возраст на органите со просечно отстапување од 4,9 години.

Резултатите покажале дека белите дробови, бубрезите, панкреасот и надбубрежните жлезди можат да покажат знаци на предвремено стареење на возраст меѓу 20 и 40 години, додека кај другите ткива процесот на стареење се одвива поинаку. Кај ткивото на матката, пак, биле забележани особено изразени знаци на стареење во периодот на менопауза.

Истражувањето покажало и дека бубрежната инсуфициенција го забрзува стареењето на повеќе видови ткива, додека дијабетесот особено го забрзува стареењето на панкреасот.

Истражувачите ги поврзале знаците на стареење во ткивата со примероци од крв и развиле модели кои овозможуваат процена на биолошката возраст на одделни органи само преку анализа на крвта.

Било утврдено дека овие показатели во крвта можат да препознаат обрасци на стареење поврзани со заболувања како Алцхајмерова болест, Кронова болест, цистична фиброза, васкулитис, дијабетес и мозочен удар.

Научниците сметаат дека во иднина слични методи би можеле да се користат за следење на здравјето на одделни органи и развојот на болестите преку рутински крвни анализи.