Со Луксембург и Украина со проверени сили, во иднина и без Тричковски

29.09.2014 15:17

Селекторот Ѓуровски повика 23 играчи за октомвриските евроквалификациски натпревари...

„Луксембург постојано напредува, игра модерен фудбал, а поради ситуацијата во којашто се наоѓаме, не очекува тежок натпревар. Играме на домашен терен, очекувам секој поединечно и како колектив да покажеме ниво коешто ќе ни донесе три бода“, вели селекторот Бошко Ѓуровски.

Тој е разочаран што по Пандев и по Новески, отсега не ќе може да го избира и Иван Тричковски, којшто најавил дека се дури игра за Ал Наср во Дубаи, нема да биде член на репрезентацијата.

„Не ги разбирам младите играчи коишто денес лесно се откажуваат од репрезентативниот дрес. Настапот за националниот тим отсекогаш бил нешто специјално. Ако некој од оние што јавно се откажале од репрезентацијата покаже интерес, ќе биде добредојден. Но, не треба и нема да молиме никого“, категоричен е селекторот.

Во октомвриските средби тој пак ќе се потпре главно на силите коишто беа и во Шпанија. Поширокиот состав го освежи со неколку имиња. Средниот ред ќе го збогатува со Аријан Адеми, Никола Глигоров и со Муарем Муарем, напаѓачка опција гледа и во напаѓачот Мирко Ивановски, а ново е и резервното голманско дуо Ефремов и Тофилоски. Од минатиот месец ги нема Алиоски, Тодоровски, Ристевски, Богатинов, Наумовски, а Хасани се уште е повреден.

23-цата повикани ќе имаат само три дена за подготовки од 6-ти до 8-ми овој месец.  Натпреварот со Луксембург во Скопје е на 9-ти, а со Украина во Лвов на 12-ти. Македонската Телевизија директно ќе ги пренесува.

Голмани: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), Андреја Ефермов (Металург), Дарко Тофиловски (Кошице, Словачка)

Одбрана: Ванче Шиков (Австрија Виена, Австрија), Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), Ардијан Цуцули (Партизани Тирана, Албанија), Дарко Велковски (Работнички), Дарко Глишиќ (Вардар), Стефан Ристовски (Парма, Италија), Александар Дамчевски (НАК Бреда, Холандија)

Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Мухамед Демири (Ст. Гален, Швајцарија), Марјан Радески (Металург), Никола Глигоров (Вардар), Александар Трајковски (Зулте Варегем, Белгија), Стефан Спировски (Берое, Бугарија), Муарем Муарем (Карабах, Азербејџан)