Трговскиот спор меѓу САД и Канада се продлабочува, најавени контра-царини
Нов ден – ново масло на огнот во трговската голгота меѓу Вашингтон и Отава. Откако Канада возврати со одмазднички контра-царини, Трамп отвора нов фронт – овојпат со предлог езерото Онтарио да го преименува во „Езеро Америка“. Додека двете страни си возвраќаат со закани и царини, последиците се сè почувствителни и за граѓаните од двете страни на границата.

Вашингтон признава дека трговската војна со Канада ги загрижува американските земјоделци, но администрацијата на Трамп очекува САД да излезат како победници од преговорите, откако Отава најави контра-царини до 50 насто за американска стока од 8 септември.
„Нема сомнение дека ова предизвикува загриженост, но јас го видов претседателот Трамп и претходно како носи тешки одлуки и потоа успева, особено во трговијата. Цврсто верувам дека Америка ќе биде подобра по следната рунда преговори и дека нашите земјоделци и сточари ќе имаат најголема корист“, изјави Брук Ролинс, министерка за земјоделство на САД.
Канада, пак, вели дека нејзините мерки се пропорционален и стратешки одговор, дизајниран да одговори на американските царини – од челик до мебел, свежа туна и памучни маици.
„Канада мора да одговори на пропорционален, целен и стратешки начин. Ќе ги изедначиме царините на САД – долар за долар, стапка за стапка. Во прашање се праведноста и еднаквите услови за игра“, рече Франсоа-Филип Шампањ, министер за финансии на Канада.
Многу Канаѓани велат дека во знак на поддршка купуваат домашни производи.
„Правиме сè што можеме за да купиме канадски производи. Што се однесува до царините, ќе преживееме – Трамп нема засекогаш да биде претседател“, изјави Патриша Вајзман, жителка на Виндзор, Канада.
Трамп дополнително ги заострува односите со некогаш пријателскиот сосед, додавајќи масло на огнот со предлогот езерото Онтарио да биде преименувано во „Езеро Америка“.
„САД сериозно размислуваат да го преименуваат езерото Онтарио во Езеро Америка, имајќи предвид дека повеќе не очекуваме да имаме многу деловна соработка со Онтарио“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.
Предлогот наиде на потсмев и критики од двете страни на границата.
„Бесмислено е. Тоа е само уште поголема хипербола и иритација за нас“, вели Пол Батлер, Канаѓанец од Онтарио.
„Трамп треба да се занимава со работите што се најважни за земјата и да престане да се однесува како разгалено дете“, изјави Мартин Вортман, Американец од Њујорк.
Шефот на Белата куќа најави нов удар и можни царини од 50 насто за канадските автомобили, камиони, делови и челик од 1 јануари. Со тоа трговскиот спор дополнително ги влошува односите меѓу двата долгогодишни сојузници.
Бојана Крстевски
