Почина легендарната кантри ѕвезда Доли Партон
Партон, која во кариерата продаде повеќе од 160 милиони албуми, беше авторка на некои од најпознатите кантри и поп-хитови, меѓу кои „Jolene“, „9 to 5“ и „I Will Always Love You“.
Американската кантри икона Доли Партон почина во Нешвил на 80-годишна возраст. Пејачката, текстописец, актерка и претприемач зад себе остави децениска кариера исполнета со светски хитови, бројни музички награди и филмски улоги, а од сиромашното детство во Тенеси стана една од најпознатите кантри ѕвезди во светот.
Партон, која во кариерата продаде повеќе од 160 милиони албуми, беше авторка на некои од најпознатите кантри и поп-хитови, меѓу кои „Jolene“, „9 to 5“ и „I Will Always Love You“.
Информацијата за нејзината смрт ја објави нејзиниот внук Брајан Сивер преку видео порака, во која се прости од музичката легенда во име на семејствата Партон и Овенс.
Партон неодамна отворено зборуваше за своето здравје, признавајќи дека во изминатиот период се соочувала со здравствени проблеми. Таа сепак нагласи дека продолжува да работи и дека има уште многу соништа што сака да ги оствари.
Родена во 1946 година во Тенеси, Партон пораснала во сиромашно семејство со 11 браќа и сестри. На шестгодишна возраст почнала да свири гитара, а веќе следната година пишувала песни. Во 1964 година се преселила во Нешвил, каде започнала да гради кариера како авторка и изведувачка.
Во текот на кариерата освои 11 награди Греми, 10 награди на Кантри музичката асоцијација, седум награди на Академијата за кантри музика, три Американски музички награди и почесен Оскар. Таа беше примена во Куќата на славните на кантри музиката во 1999 година.
Покрај музиката и филмот, Партон беше позната и по својата хуманитарна работа. Нејзиниот проект „Библиотека на имагинација“ им обезбедуваше книги на децата од најрана возраст, а беше и сопственик на забавниот парк „Доливуд“ во Тенеси.
Долги години беше во брак со Карл Дин, со кого се венчаше во 1966 година. Дин почина во март 2025 година.
