Фудбал

Елмас промовиран во Аталанта: „Не морав двапати да размислувам за оваа можност“

26.08.2026 10:06

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас вчеравечер официјално беше претставен како ново засилување на Аталанта. На прес-конференцијата во Бергамо, Елмас порача дека веднаш ја прифатил понудата од италијанскиот прволигаш и дека е подготвен да игра на повеќе позиции и да даде максимум за тимот.

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас официјално беше претставен како ново засилување на италијанскиот прволигаш Аталанта.

Елмас, кој во Аталанта пристигна на позајмица од германски Лајпциг, истакна дека не се двоумел кога ја добил понудата од клубот од Бергамо.

„Не морав двапати да размислувам кога се појави оваа можност бидејќи Аталанта е врвен клуб и го докажа тоа низ годините, вклучително и со освојувањето на Лигата на Европа“, изјави Елмас.

Македонецот веќе го имаше своето деби за новиот клуб во неделата, кога влезе во игра во 81. минута во победата над Сасуоло со 2-1 на стартот на новата сезона во Серија А.

„Се надевам дека ќе се снајдам добро и ќе ја вратам довербата на клубот во мене. Играв на многу различни улоги во текот на мојата кариера, па можам да работам на неколку позиции и да се адаптирам каде што е потребно. Важно е секогаш да бидам подготвен и да дадам сè за тимот“, додаде Елмас.

Аталанта е третиот италијански клуб во кариерата на 26-годишниот фудбалер, по Наполи и Торино. Со Наполи во 2023 година ја освои шампионската титула во Италија.