Продолжува судењето за случајот „Онкологија“
Според обвинението, Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување. Во предметот се опфатени вкупно 47 пациенти, кај кои, според обвинителството, биле применувани неподобни терапии.

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија“, во кој поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози се обвинети за несовесно лекување пациенти.
На минатото рочиште, на предлог на одбраната, беше сослушан вештакот Владимир Даниловски. Тој појасни дека неговото вештачење не се однесувало на изборот на онколошката терапија, туку на утврдување на евентуалните последици од применото лекување и постоењето на причинско-последична врска меѓу лекарската одлука и конкретната последица.
Според обвинението, Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување. Во предметот се опфатени вкупно 47 пациенти, кај кои, според обвинителството, биле применувани неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство – Скопје.
