Енергетика

Домашното производство покри 94,7% од потребите за струја во јули

26.08.2026 13:21

Божиновска посочува дека растот на производството од соларни централи дополнително ја менува структурата на домашното производство.

Домашното производство на електрична енергија во јули достигна 460,8 гигават-часови, со што се покриени 94,7 отсто од вкупните потреби во земјава, соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Според неа, во јули 55,3 отсто од домашно произведената електрична енергија потекнувала од други домашни производители, додека учеството на ЕСМ изнесувало 44,7 отсто.

Божиновска посочува дека растот на производството од соларни централи дополнително ја менува структурата на домашното производство. Според неа, со нови инвестиции во батериски системи и складирање на енергијата ќе се овозможи поефикасно искористување на електричната енергија произведена од сонцето.

Воедно, според податоците што ги објави министерката, загубите во електроенергетската мрежа се намалиле од 17,7 отсто во јануари на 9,7 отсто во јули.

Божиновска оценува дека податоците покажуваат напредок кон зголемување на домашното производство и поголема енергетска стабилност.