Митреска на конференција на БИС во Базел: Податоците и вештачката интелигенција во фокусот на централното банкарство
Митреска ја водеше сесијата „Нови и експериментални податоци“, на која беа презентирани истражувања за користењето иновативни податоци за процена на климатските ризици, како и примена на алатки на вештачката интелигенција за идентификување на недостатоците во статистиките поврзани со климатските промени и одржливоста.

Вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска учествуваше на Тринаесеттата биенална конференција на Комитетот на Ирвинг Фишер за статистика на централните банки, што се одржа во Базел во организација на Банката за меѓународни порамнувања (БИС). Во фокусот беа новите начини за користење на податоците и иновативните алатки, вклучително и вештачката интелигенција, во централното банкарство.
Митреска ја водеше сесијата „Нови и експериментални податоци“, на која беа презентирани истражувања за користењето иновативни податоци за процена на климатските ризици, како и примена на алатки на вештачката интелигенција за идентификување на недостатоците во статистиките поврзани со климатските промени и одржливоста.
На конференцијата учествуваше и претставничката на Народната банка Даница Уневска Андонова, која го презентираше трудот „Прогнозирање на македонскиот БДП со економски показател изведен преку „Чет џи-пи-ти“: докази од машинското учење“.
Истражувањето покажува како алатките на вештачката интелигенција може да се користат за добивање економски показател од квалитативните одговори во анкетите за очекувањата за растот на БДП и инфлацијата. Показателот може да се вклучи во модели на машинско учење за побрзо и попрецизно проценување на економската активност во земјава.
На конференцијата биле разгледани и теми поврзани со примената на вештачката интелигенција за следење на инфлацијата и економската активност, процената на климатските ризици за финансискиот систем, подобрувањето на квалитетот на економските податоци, како и користењето податоци од платежните системи за подобро разбирање на потрошувачката на домаќинствата.
Од Народната банка оценуваат дека учеството на претставниците на меѓународниот настан потврдува дека статистичката практика во земјава ги следи современите трендови во примената на податоците и вештачката интелигенција во централното банкарство.
