Македонија

Исени: Заштитата на децата во дигиталната средина е заедничка одговорност

26.08.2026 15:17

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени порача дека се потребни подобра превенција, поефикасна размена на информации меѓу институциите и јасни процедури за заштита на децата од ризиците во дигиталната средина.

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска се обрати на промоцијата на истражувачкиот извештај „Спречување на штетата во Северна Македонија“, изработен од УНИЦЕФ, посветен на ризиците со кои се соочуваат децата во дигиталниот простор и унапредувањето на механизмите за нивна заштита.

Исени истакна дека брзата дигитализација носи големи можности за образование, комуникација и развој, но истовремено создава и нови ризици од злоупотреба и експлоатација на децата.

„Заштитата на децата е заедничка одговорност и само преку партнерство, инклузивност и силна институционална координација можеме да создадеме безбедна дигитална средина за секое дете“, порача Исени.

Според него, извештајот овозможува подобро согледување на однесувањето на младите во онлајн просторот, најчестите ризици со кои се соочуваат и областите во кои е потребен поефикасен институционален одговор.

Исени посочи дека препораките од истражувањето можат да послужат како основа за унапредување на законската рамка, поддршка на професионалците кои работат со деца и подобрување на механизмите за превенција и заштита.

Тој нагласи дека Министерството за внатрешни работи има значајна улога преку превентивни активности, подигање на јавната свест, навремено откривање на ризиците и соработка со домашните институции и меѓународните партнери.

„Ова истражување не е само документ, туку повик за акција. Потребни ни се подобра превенција во училиштата и заедниците, поефикасна размена на информации меѓу институциите, јасни процедури за пријавување и постапување и соодветна поддршка за децата и семејствата“, рече Исени.

На настанот присуствуваа резидентната координаторка на Обединетите нации во земјава Рита Колумбиа, претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, како и претставници на националните институции и меѓународни организации.

Исени изрази благодарност до УНИЦЕФ, истражувачите, меѓународните партнери и националните институции кои придонеле за подготовката на извештајот, посочувајќи дека МВР останува посветено на спроведувањето на препораките за поголема безбедност и благосостојба на децата.