МВР

Тошковски: Европската безбедност се гради заедно со Западен Балкан

26.08.2026 12:46

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на Форумот на шефови на гранични полиции од Западен Балкан, кој во рамки на Берлинскиот процес се одржува во Скопје на 26 и 27 август.

Миграцијата и граничната безбедност се заеднички европски предизвици, а земјите од Западен Балкан мора да преминат од декларации кон конкретни механизми за соработка, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Форумот на шефови на гранични полиции во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на Форумот на шефови на гранични полиции од Западен Балкан, кој во рамки на Берлинскиот процес се одржува во Скопје на 26 и 27 август.

На форумот учествуваат претставници од земјите од регионот, членки на Европската Унија и Обединетото Кралство, како и претставници на Меѓународната организација за миграции и други европски, регионални и меѓународни партнери.

Тошковски истакна дека миграцијата останува едно од клучните прашања на современото време, додека Западен Балкан е и транзитен регион и значаен партнер во европскиот одговор на миграциските и безбедносните предизвици.

„Притисоците од нерегуларните миграциски текови, експлоатацијата на ранливите категории од страна на криминалните мрежи и оптоварувањето на институциите не се предизвици ограничени на една граница, една земја или еден регион. Тие се европски и глобални“, рече Тошковски.

Тој нагласи дека за изградба на заеднички европски простор на безбедност и доверба се потребни конкретни механизми за соработка, а не само декларации.

Осврнувајќи се на Берлинскиот процес, Тошковски посочи дека тој не е кратенка до членството во Европската Унија, туку платформа преку која земјите од Западен Балкан ја демонстрираат својата подготвеност и усогласеност со европските стандарди.

„Европската безбедност не завршува на надворешните граници на Европската Унија. Таа се гради преку стабилни и безбедни партнери, преку заеднички политики и преку способноста на сите нас да придонесуваме кон справувањето со предизвиците што ја засегаат Европа како целина“, порача министерот.

Тошковски изрази задоволство што Македонија е домаќин на форумот и упати благодарност до Владата на Обединетото Кралство и Мисијата на ИОМ за поддршката во организацијата.

На крајот, тој порача дека форумот треба да биде можност не само за размена на искуства, туку и за утврдување заеднички приоритети и продлабочување на соработката во областа на граничната и европската безбедност.