Одбележување

116 години од раѓањето на Светата Мајка Тереза

26.08.2026 17:00

Во Скопје одбележување на 116 години од раѓањето и 10 години од канонизацијата на Мајка Тереза, една од најпознатите хуманитарки во современата историја. До 5 септември духовна, културна и хуманитарна програма во рамки на манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“. Мајка Тереза почина во Калкута на 5 септември 1997 година, на 87-годишна возраст.

Скопје ја чествува Мајка Тереза, една од најпознатите хуманитарки во современата историја по повод 116 години од нејзиното раѓање и 10 години од нејзиното прогласување за светица. Гонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година во куќата на трговецот Никола Бојаџиу и мајката Драна родум од Призрен на улица „Поп Кочина“ што се наоѓа на сегашниот плоштад Македонија во центарот на Скопје, каде делегации положија цвеќе.

Во нејзина чест во наредните 11 дена се одвива манифестацијата „Денови на Мајка Тереза“. Отворена и изложба на фотографии во спомен-куќата.

Во духот на Мајка Тереза која не правеше поделби меѓу луѓето, од асоцијацијата „Мајка Тереза“ апелираа чествување во иднина да биде обединето во една манифестација.

Туристи од целиот свет при посета на Скопје, неминовно го посетуваат и обележјето за светата Мајка Тереза.

„Мајка Тереза ми значи многу, запозната сум со целиот нејзин живот, многу го читав за нејзиниот начин на живот и за помагањето на луѓето. Затоа нејзиниот живот ми е водич во мојот и се надевам дека ако малку постигнам од она пошто таа го правела ќе бидам задоволна“, изјави Марија Рупчиќ – турист од Загреб, Хрватска.

Мајка Тереза почина во Калкута на 5 септември 1997 година на 87 години. А во 2016 католичката црква ја прогласи за светица.

Со оваа манифестација Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза, ќе оддаде почит на нејзиниот живот, кој беше исполнет со милосрдие и љубов кон сиромашните. Промовирана е и книга за нејзиниот живот и дело.

„Деновите на Мајка Тереза“ ќе завршат на 5 септември, со понтификална света литургија во катедралата „Пресвето срце Исусово“ во Скопје.

Ирина Гелевска