Евроинтеграции

Сали: Работиме напорно за исполнување на критериумите

26.08.2026 14:31

Македонија работи на реформската агенда до 2028-та, критериумите за членство во Европската Унија, сè уште не се дефинирани, вели вицепремиерот за европски прашања. По пораките од Брисел дека кандидатите можеби нема да мора да чекаат до полноправното членство за да ги почувствуваат придобивките, Сали смета дека тоа е позитивен чекор, но и порака дека мора да работиме понапорно за исполнување на критериумите.

Македонија работи на реформската агенда до 2028-та, критериумите за членство во Европската унија, сè уште не се дефинирани, вели вицепремиерот за европски прашања. Пораките од Брисел дека кандидатите можеби нема да мора да чекаат до полноправното членство за да ги почувствуваат придобивките за Сали значи дека мора да работиме понапорно за исполнување на критериумите.

Македонија сака да биде дел од Европската Унија и на тој пат направивме многу отстапки, кои требаше да бидат последното нешто што го направивме, но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа, истакнува премиерот Мицкоски во интервју за „Брајтбарт њуз“.

Шефот на Владата членството во Унијата го опиша како втора клучна цел по стратешкото партнерство со САД. Мицкоски ѝ врти грб на Европската Унија, ја оддалечува земјата и го блокира европскиот пат. Членството во Унијата и стратешкото партнерство со САД меѓусебно не се условуваат, напротив, се надополнуваат и создаваат синергија во интерес на Македонија, регионот и пошироката европска безбедност, велат од СДСМ.

„На Македонија ѝ е местото во ЕУ, со стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави и така треба да остане. На сите денес им е јасно дека стравот од независното европско обвинителство кај Мицкоски е голем колку Америка“, велат од СДСМ.

Брисел најавува голема ревизија на политиката со која Европската Унија ќе се подготвува за прием на нови членки. Кандидатите можеби нема да мора да чекаат до полноправното членство за да ги почувствуваат придобивките, преку постепено членство и можност за приклучување кон единствената европска зона за плаќања или поврзување со енергетската мрежа на Унијата.

Процесот на пристапување може да трае со децении, што противниците на ЕУ би можеле да го искористат за политички притисок и опструкции. Мора да бараме поамбициозни начини за постепена интеграција, порака од еврокомесарката за проширување Марта Кос на конференцијата во Загреб.

Во фокусот на новиот пристап се земјите од Западен Балкан, но и Украина и Молдавија. Пораката од Брисел е јасна, нема отстапки од владеењето на правото и демократските стандарди. Се очекува новата иницијатива, лидерите на ЕУ да ја разгледуваат на високо ниво, во октомври.

Милчо Велески