Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“
ВМРО-ДПМНЕ си го враќа имотот на партиското седиште, вреден 14 милиони евра, како и имот во вредност од околу два милиони евра, кој со години беше замрзнат.

Апелациониот суд ја потврди ослободителната пресуда за екс-премиерот Никола Груевски, кој беше обвинет во случајот „Талир 2“. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ си го враќа имотот на партиското седиште, вреден 14 милиони евра, како и имот во вредност од околу два милиони евра, кој со години беше замрзнат.
Од Апелациониот суд Скопје соопштија дека по одржана нејавна седница денеска ги разгледале списите на предметот. Имајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, судот донел пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја одбил како неоснована и ја потврдил пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.
„При постапувањето и одлучувањето, Судот оцени дека преземените дејствија од страна на обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии“, се наведува во соопштението.
