Здравство

Прв случај на западнонилска треска детектиран и во Куманово

26.08.2026 16:09

Бројот на заболени од западнонилска треска продолжува да расте. Потврдени 50 случаи, од нив и прв регистриран случај и во Куманово. Сомнителни на болеста се три лица.

Расте бројот на заболени од западнонилска треска во земјава. Шест нови случаи регистрирани во еден ден. Детектиран и првиот заболен во Куманово. Вкупната бројка се искачи на 50 пациенти. Дополнително сомнителни на болеста се три лица. Министерот за здравство Клековски информираше кај помладите формите на болеста се полесни. Најмладиот пациент во моментов има 26 години. Насоки ќе добијат матичните лекарите, одредени тестови ќе се повторуваат, зависно од терапијата на пациентите.

Стабилна е состојбата на 65 годишен маж, прв заболен од Куманово. Лицето во периодот пред да се разболи не патувало надвор од државата. Екипите на Центарот за јавно здравје Куманово веднаш извршиле дезинсекција.

По овој случај значајно зголемен степенот на претпазливост кај кумановци. Повозрасните повнимателни, се заштитуваат со спрејови и креми.

На територијата на Куманово редовно од мај до септември се врши третирање против комарци. Два пати беше спроведено и авионско прскање. Доколку има потреба по барање на здравствените установи, ќе се реализира и нова акција.

Министерството за здравство уверува во функција се сите расположливи капацитети како за хоспитализации во установите, кадровската опременост, и реагенси за лабораториски испитувања.

За навремена информираност, но и за ризичните подрачја, видовите на комарците, Министерството создаде и веб-страница.

Елена Георгиевска