Депонијата „Буково“ еден од најголемите еколошки проблеми во охридскиот регион
Пожарите не се само еколошки проблем – чадот и штетните честички што се ослободуваат при горењето директно влијаат врз здравјето. Во охридскиот регион, најпогодени се жителите на селата во близина на „Буково“, кои велат дека со загадениот воздух живеат со години и трпат здравствени последици.

Пожарите го загадуваат воздухот, а последиците директно се одразуваат врз здравјето на луѓето. Во охридскиот регион, еден од најголемите еколошки проблеми е депонијата „Буково“, која постојано тлее и чади, а неодамна повторно беше опожарена. Чадот се почувствува во целиот регион, но најпогодени се жителите на околните села.
Мештаните на Крушје, најблиското село до депонијата, велат дека со загадениот воздух живеат со години, а и имаат здравствени последици.
„Најтешко е на сабајле, ноќе и на сабајле. Зачадено е нонстоп, низ планината, зачадено. И се чувствува мирис, дури не можеме да отвориме прозорец, да се проветри просторијата. Кај нас во селото скоро сите сме разболени од таа депонија. Јас примам секој ден спреј, навечер примам спреј за дишење и аминофилин апчиња за дишење. Без тоа не можам. Толку што е тешко дишењето, тоа е нешто неверојатно“, вели Димче Ивановски, жител на с. Крушје
Штетните честички што се ослободуваат при пожарите го загадуваат воздухот. Од аспект на јавното здравје, ваквите извори на загадување бараат сериозен и системски пристап.
„Мерки интервенции коишто би требало, коишто би можеле да ги преземеме на општествено ниво, би вклучувале имплементирање односно регулативи за подобрување на животната средина. Тука не можеме да ги затвориме очите пред сите тие загадувачи на животната средина. Главните загадувачи ни се депониите, коишто ни се еден голем општествен предизвик на којшто, навистина, треба да им се посвети внимание бидејќи сите го дишеме истиот воздух, вели д-р Даниела Чингоска специјалист по социјална медицина и јавно здравје.
Постојаното тлеење, чадењето и неконтролираното горење на отпадот се ризик и за животната средина и за здравјето на населението.
Пожарите може да траат денови, но последиците од загадениот воздух не исчезнуваат со гаснењето на пламенот. Изложеноста на чад и штетни честички се остава трајни последици врз здравјето на луѓето.
Соња Рилковска
