Портокалов метеоаларм за утре, температурата до 39 степени
УХМР за утре, 27 август, издаде метеоаларм, при што делови од земјава ќе бидат во портокалова фаза поради високите температури. Во Скопје и Демир Капија се очекуваат до 39 степени, а за време на викендот се најавуваат локални невремиња со пороен дожд, грмежи, силен ветер и можност за град.

Времето утре ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност и услови за краткотрајна нестабилност во попладневните часови.
Највисока температура од 39 степени се очекува во Скопје и Демир Капија. Во Гевгелија ќе достигне до 38, а во Велес и Штип до 37 степени.
Во текот на викендот претпладне ќе биде сончево и топло, додека во попладневните часови наместа ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме, проследено со силен ветер и услови за појава на град.
Според прогнозата на УХМР, на почетокот на следната седмица времето ќе биде стабилно и топло.
