Груевски ослободен во „Талир 2“, Апелација ја потврди пресудата
Скопска Апелација ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“, отфрлајќи ја жалбата на Обвинителството како неоснована. Со одлуката се отвора патот за задржување на имотот опфатен со постапката за конфискација, меѓу кој и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од Апелација велат дека обвинителството не докажало дека Груевски го прекршил Законот за финансирање на политичките партии.

Скопска Апелација ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, со што е отфрлена жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје како неоснована. Со одлуката се отвора и патот за задржување на имотот кој беше предмет на конфискација во првостепената постапка. Од Апелација образложуваат дека не биле изведени докази со кои би се докажало дека Груевски, како одговорно лице во политичката партија, постапувал спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.
„Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП „Бетон“ имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија ниту, пак, постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија тие средства да ги врати“-стои во соопштението од Апелација.
Со оваа одлука се задржува и партискиот имот што беше опфатен со постапката. Станува збор за имот чија вредност во јавноста беше проценувана на повеќе милиони евра, вклучително и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и друг имот кој со години беше замрзнат.
Опозициската СДСМ ја обвини власта за партизација на правосудството. Велат, судството мора да им служи на граѓаните, а не да го спасува криминалот на власта. Додаваат, претходно предметот бил одземен од поранешниот обвинител, што го оценува како класичен пример за политичко влијание врз текот на истрагите.
Случајот претходно имаше сосема поинаков тек. Во првостепената постапка Груевски беше осуден на шест години затвор, додека Кирил Божиновски доби условна казна. Судот тогаш изрече и мерка конфискација на партискиот имот.
Пресудата не остана на сила. По измените на Кривичниот законик, предметот беше вратен во нова постапка по преквалификација на обвинението, а судењето почна од почеток.
Александра Велинова
