Партии

Дата-центрите отворија нов политички фронт

26.08.2026 18:05

Изградбата на дата-центри во Македонија отвора политички спор. СДСМ предупредува на голема потрошувачка на вода и струја и можни последици врз земјоделството и животната средина, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека земјата не смее да ја пропушти можноста за привлекување големи странски инвестиции.

Претседателот на СДСМ е против изградбата на дата-центри во Македонија, зашто според него ќе се загрози водоснабдувањето, но ќе има и помалку вода за наводнување на земјоделските посеви.

Како што потенцира Филипче овие центри трошат огромна количина на вода којашто се загрева, а тоа според него дополнително може да го загрози биодиверзитетот на реките. Според Филипче овие дата-центри ќе побаруваат голем капацитет на електрична енергија, што ќе значи увоз на струја од странство којашто е поскапа на пазарот. Филипче ја поздрави одлуката на Советот на Општина Пехчево да не се одобри локација за ваков центар.

Македонија не смее да ја пропушти новата индустриска револуција. Прашањето е: дали земјава ќе биде дел од таа инфраструктура или ќе плаќа на други држави за нивните услуги, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаме поволна геостратешка положба, оптичка поврзаност и пристап до европската електроенергетска мрежа. Тоа се сериозни предуслови за привлекување на вакви инвестиции. Дата центрите можат да донесат сериозен странски капитал. Тие се капитално интензивни инвестиции. А кога една земја ќе стане погодна локација за ваква инфраструктура, таа станува поатрактивна и за други компании кои зависат од неа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Против изградбата на дата-центри се изјаснија и Левица и ДОМ со аргументација дека се експлоатираат природните ресурси на земјава.

Игор Панов