Експериментален лек ги топи мастите без губење мускулна маса

27.08.2026 05:44

Ново истражување дава надеж за поинаков пристап во борбата против дебелината. Експериментално соединение помогнало кај глувци да се намали телесната тежина за 18 проценти, без намалување на внесот на храна и без значително губење на мускулната маса.

Експериментално хемиско соединение покажало ветувачки резултати во борбата против дебелината кај глувци, овозможувајќи намалување на телесните масти без значително губење на мускулната маса и без намалување на внесот на храна.

Во истражувањето, објавено во научното списание „Science Advances“, научниците утврдиле дека соединението кај дебели машки глувци довело до просечно намалување на телесната тежина за 18 проценти во период од четири недели, иако животните продолжиле да внесуваат иста количина храна.

Најголемиот дел од намалената тежина бил од телесните масти, додека мускулите и другите ткива во голема мера биле зачувани.

Станува збор за соединението 5-тетрадецилокси-2-фуроична киселина (TOFA), кое го испитувал истражувачки тим од Универзитетот на Калифорнија во Беркли. На глувците, кои претходно биле доведени до дебелина преку исхрана богата со масти, соединението им било давано преку уста двапати дневно во текот на четири недели.

Според истражувачите, внесот на храна, телесната активност и температурата на животните не се промениле, но вкупната потрошувачка на енергија се зголемила до 18 проценти.

Научниците наведуваат дека соединението не предизвикува поголема физичка активност и не ја спречува апсорпцијата на енергијата од храната. Наместо тоа, влијае врз начинот на кој организмот ги преработува мастите и ја користи енергијата.

Утврдено е дека соединението го забавува создавањето нови масти и им помага на клетките полесно да ги согоруваат мастите за добивање енергија.

Покрај намалувањето на телесната тежина, кај глувците биле забележани и пониски вредности на шеќер и инсулин во крвта, подобар одговор на гликозата, како и намалување на мастите во крвта и црниот дроб.

Истражувачите потоа испитувале и пониски дози од соединението во комбинација со лекови за намалување на апетитот, како семаглутид и тирзепатид. Комбинираната примена довела до поголемо намалување на телесната тежина и подобрување на показателите поврзани со преработката на хранливите материи во организмот во споредба со поединечните третмани.

Сепак, научниците нагласуваат дека соединението сè уште не е испитано кај луѓе. Не е утврдена ниту најниската делотворна доза, а допрва треба да се спроведат неопходните испитувања за неговата безбедност.

Пред евентуално испитување кај луѓе, истражувачите планираат дополнителни испитувања на стаорци и поголеми животни за да ја утврдат делотворноста и можните штетни последици од соединението.