Непал

Поплавата во Непал однесе над 160 животи, стотици исчезнати

27.08.2026 08:59

Над 160 жртви и стотици исчезнати туристи. Непал се соочува со една од најтешките природни катастрофи. Поројните води и огромните свлечишта уништуваат домови, патишта и мостови, оставајќи цели региони отсечени. Спасувачките екипи се во трка со времето, додека земјите од целиот свет испраќаат помош и тимови за пребарување.

Повеќе од 160 луѓе загинаа во Непал, а стотици туристи се водат како исчезнати по огромните поплави и свлечишта. Според официјалните лица, повеќе од 100 исчезнати туристи се од Индија, 54 од САД, 34 од Австралија и 33 од Велика Британија. Операциите за пребарување се во тек.

„Меѓу исчезнатите има најмалку 34 Австралијци. Приоритет на владата е да потврди каде се наоѓаат и во каква состојба се. Очигледно, ситуацијата е тешка. Пристапот и информациите се многу ограничени со оглед на обемот на катастрофата, но ќе направиме сè што можеме за да ги утврдиме сите информации“, изјави Пени Вонг – министерка за надворешни работи на Австралија.

Јужна Кореја утрово испрати тим за брза интервенција во Непал, за да ги поддржи напорите за пребарување и спасување на девет јужнокорејски државјани кои сè уште се водат како исчезнати.

„Тимот за брза интервенција, составен од Министерството за надворешни работи, националната полициска агенција и националната противпожарна агенција, денес заминува за Непал. Ќе направиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме брзи и безбедни операции за пребарување и спасување на корејските државјани на терен во Непал“, изјави Лим Санг-Ву – водач на тимот за брза интервенција.

САД, Кина, ЕУ и Индија ветија и испратија хуманитарна помош. Властите првично сметаа дека на поплавите можеби им претходел земјотрес, но американскиот геолошки завод вели дека причината е лизгање на земјиште. Размерите на катастрофата се огромни. Поројните води, калта и карпите уништувале куќи, возила, патишта и мостови, оставајќи отсечени цели подрачја.

Катерина Бојаџиева