Западнонилската треска се шири во регионот, Грција регистрира 232 случаи
Западнонилската треска продолжува да се шири во регионот. Во Грција од почетокот на годината се регистрирани 232 случаи и 19 починати, додека нови случаи се потврдени и во Бугарија и Србија. Епидемиолозите апелираат граѓаните да се заштитуваат од убоди од комарци.

Бројот на заразени со западнонилска треска во Грција и натаму значително расте. Од почетокот на годината се регистрирани 232 случаи, а 19 лица починале од последиците, соопшти Националната организација за јавно здравје. Најпогоден е регионот на Атина.
Прв случај на западнонилска треска оваа година е регистриран вчера во Бугарија, кај пациент од Пловдив на возраст од 63 години, кој развил невролошки компликации по летниот одмор на Црното Море. Во Србија пак, од почетокот на сезонското следење до 23 август се регистрирани вкупно 11 случаи на западнонилска треска.
Епидемиолозите постојано ги повикуваат граѓаните да се заштитуваат од убоди од комарци. Особено се препорачува редовно повеќекратно нанесување средства за заштита од инсекти.
