МЕРМС го одбележа Денот на рударите: Почит кон трудот денес, визија за модерно рударство утре
Со рекордна наплата на концесиските надоместоци, нова Стратегија за минерални суровини и нови законски решенија што треба да донесат поголема транспарентност, посилен надзор и повисоки стандарди за безбедност и заштита на животната средина, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Денот на рударите – 28 Август.

Со рекордна наплата на концесиските надоместоци, нова Стратегија за минерални суровини и нови законски решенија што треба да донесат поголема транспарентност, посилен надзор и повисоки стандарди за безбедност и заштита на животната средина, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го одбележа Денот на рударите – 28 Август.
На свеченоста во Скопје, на која присуствуваа претставници на рударскиот сектор, компании, институции, стопанството, науката и академската заедница, како и рудари со долгогодишно искуство, беше испратена јасна порака: иднината на македонското рударство е во безбедноста, модернизацијата, одговорното користење на природните ресурси и конкретните придобивки за локалните заедници.
„Во средиштето на овој ден отсекогаш бил и мора да остане човекот – неговото достоинство, неговата безбедност и почитта кон неговиот труд. Рударството е значаен дел од македонската економија, но неговиот иден развој мора да се темели на јасни правила, засилен институционален надзор, поголема безбедност, современи технологии и конкретни придобивки за средините во кои се врши експлоатацијата“, истакна министерката Божиновска.
Во своето обраќање, министерката ги презентираше резултатите во секторот, при што посебно ја истакна наплатата на концесиските надоместоци.
Македонија конечно има и Стратегијата за минерални суровини, со која по повеќе децении оваа област треба да добие јасна и долгорочна развојна насока. Паралелно се финализираат и нови законски решенија за рударството и геолошките истражувања, чија цел е попредвидлива регулатива, поголема транспарентност, посилен надзор, повисоки еколошки стандарди и поактивно учество на локалните заедници.
Посебен акцент беше ставен на придобивките што рударството треба да ги создава за општините и граѓаните. Согласно законската распределба, 78 проценти од платените концесиски надоместоци се приход на општината на чија територија се врши концесиската дејност. Овие средства треба да се претвораат во подобри локални патишта, водоводи, комунална инфраструктура, училишта, јавни услуги и проекти за заштита на животната средина.
Министерството ќе продолжи со засилени контроли, редовно следење на концесиските обврски и доследна примена на законите.
За компаниите што инвестираат во безбедноста на работниците, современи технологии, заштита на животната средина и локален развој, Министерството ќе биде партнер. За неодговорното работење и заобиколувањето на законските обврски, нема да има компромис.
Во своето обраќање министерката ја потенцираше и потребата од создавање нови кадри за секторот.
Посебен дел од настанот беше посветен на луѓето кои непосредно ја живеат рударската професија.
Катерина Новакова од САСА ја претстави перспективата на жените во современото рударство и посочи дека развојот на технологијата, дигитализацијата, механизацијата и автоматизацијата отвораат нови професионални можности. Таа ја нагласи потребата жените да имаат пристап до практикантски и менторски програми, обуки и можности за професионален развој и напредување.
Во рамки на свеченоста, министерката Божиновска додели десет признанија на рудари за особен придонес, професионална посветеност и значајни заслуги во рударството.
Признанија добија:
Драганчо Јованчов – Рудник САСА
Иво Ѓоргиевски – Тораница
Иван Цеков – Злетово
Љубе Колев – Бучим
Игор Наумоски – Мермерен комбинат АД Прилеп
Драганчо Ивановски – АД ЕСМ – РЕК Битола
Сеад Башевич – ФИМАР БАЛКАН
Фуат Таири – ЈЕФУТА ИНЖЕНЕРИНГ
Борче Блажески – КРИН КГ
Боби Трајковски – МИСА-МГ
Одбележувањето на Денот на рударите заврши со заедничка порака дека иднината на македонското рударство треба да се гради врз знаење, модерни технологии, безбедност, одговорност кон животната средина и партнерство со локалните заедници, но и со почит кон луѓето кои секојдневно ја создаваат оваа индустрија.
