Почина јапонската уметничка икона Јајои Кусама

27.08.2026 09:49

Кусама зад себе остави повеќедецениска кариера во визуелната уметност, перформансот, фикцијата и поезијата. Нејзиниот специфичен уметнички израз беше инспириран и од халуцинациите што, како што самата сведочеше, ги доживувала уште од детството.

Јапонската авангардна уметница Јајои Кусама, позната по препознатливите точки, тикви и инсталациите со бесконечни огледала, почина на 97-годишна возраст.

Кусама зад себе остави повеќедецениска кариера во визуелната уметност, перформансот, фикцијата и поезијата. Нејзиниот специфичен уметнички израз беше инспириран и од халуцинациите што, како што самата сведочеше, ги доживувала уште од детството.

Уметницата со децении доброволно живееше во психијатриска болница, а својата уметност ја опишуваше како начин другите да го видат светот од нејзината перспектива.

Родена во 1929 година во Мацумото, Кусама во 1957 година се преселила во Њујорк. Таму на почетокот се соочила со тешко прифаќање во уметничката сцена во која доминирале мажи. Нејзините дела, во кои често се појавувала и голотија, наидувале на отпор и во Јапонија.

Меѓународното признание дојде децении подоцна, особено по нејзиното учество како претставник на Јапонија на Венециското биенале во 1993 година. Оттогаш нејзината репутација значително се промени, а во подоцнежните години Кусама прерасна во глобална културна икона.

Нејзината инсталација „Соби со бесконечни огледала“, создадена во 1965 година, стана едно од нејзините најпознати дела и привлече милиони посетители ширум светот.

Кусама изложуваше во најголемите светски музеи, соработуваше со луксузни брендови, меѓу кои и „Луј Витон“, а нејзините дела достигнуваа милионски суми на аукции. Една од нејзините слики во 2022 година беше продадена за 10,5 милиони долари.

Во 2016 година го доби Орденот на културата, најпрестижното признание што Јапонија им го доделува на уметниците.

Од нејзиното студио соопштија дека Кусама продолжила да слика сè до последните денови од својот живот.