Маврово Опен 2026: 84 натпреварувачи на хуманитарниот тениски турнир
Второто издание на Маврово Опен ќе се одржи од 28 август до 13 септември на јавното тениско игралиште во Маврови Анови. Аматерскиот хуманитарен турнир годинава привлекува 84 натпреварувачи, повеќе од двојно во однос на лани, а програмата е збогатена и со активности за најмладите.

По успешното прво издание во 2025 година, Маврово Опен продолжува со мисијата преку спортот да ја поврзува заедницата и да придонесува за создавање активни и достапни јавни простори.
Годинава на турнирот ќе настапат 84 натпреварувачи во категориите мажи, жени и полу-професионалци. За првпат полу-професионалната категорија ќе има и натпревари во двојки.
Посебен акцент е ставен на детската програма. За децата од ОУ „Денче Дејаноски“ во Маврово ќе биде организиран тениски тренинг со професионален тренер и опрема, на официјалното игралиште на турнирот. Активноста се реализира со поддршка од Европската Унија.
„Веруваме дека спортот не е само натпревар, туку начин да се поврзат луѓето, да се оживеат јавните простори и да се создадат места каде што децата ќе имаат причина да останат, да се дружат и да растат“, велат организаторите.
За првпат годинава е отворена и волонтерска програма за млади, кои ќе можат активно да се вклучат во организацијата и реализацијата на настанот.
Натпреварите ќе имаат и професионален пренос во живо, а Македонски Телеком, како технолошки партнер, ќе обезбеди бесплатен стабилен интернет на локацијата.
Организиран е и бесплатен превоз до Маврово и околу езерото, со поддршка од АБЦ Рент а кар. Организаторите велат дека на овој начин сакаат да придонесат кон полесно и поеколошко пристигнување на посетителите, но и да укажат на потребата од јавен превоз во Маврово во текот на целата година.
Во соработка со платформата за архитектура и урбанизам МЕЛЕЕМ, распишан е и конкурс за архитектонско решение за трибина покрај тениското игралиште. Целта е да се поттикне размислување за тоа како спортскиот терен може да прерасне во квалитетен јавен простор за спорт, дружење и секојдневно користење од локалната заедница.
Маврово Опен и годинава го задржува хуманитарниот карактер. Турнирот првично беше инициран со цел да придонесе за подобрување на условите во основното училиште во село Маврово, кое со мал број ученици е еден од примерите за предизвиците со кои се соочуваат малите локални заедници.
Маврово Опен 2026 ќе се одржи од 28 август до 13 септември, а иницијативата е целосно волонтерска и се реализира со поддршка од институции, компании, локални партнери, волонтери и пријатели на турнирот.
