Нови откритија на локалитетот „Пенелопа“ во Охрид – траги од животот во доцниот неолит
За првпат со систематски сондажни истражувања се откриваат слоевите на наколната праисториска населба „Пенелопа“, со наоди кои сведочат за животот на луѓето во доцниот неолит. Керамика, камени и коскени орудија, семиња и зачувано дрво – археолозите сега ја составуваат приказната за една древна населба покрај Охридското Езеро.

Керамика, камени орудија, кремени сечила, коскени алатки, семиња, уметнички творби и остатоци од дрво и коски од животни. Ова се новите откритија траги од животот на луѓето кои на просторот на денешен Охрид живееле во доцниот неолит пронајдени на археолошкиот локалитет „Пенелопа“, каде за првпат се вршат систематски сондажни истражувања, на наколната праисториска населба.
Луѓето на ова тло пред повеќе од 5.000 години пред нашата ера живееле во организирана населба, се занимавале со земјоделие и одгледување животни, а храната ја дополнувале и со она што го нудело езерото.
„Неолитот, или младо камено време, е период кога луѓето за прв пат почнуваат да живеат во организирани населби и да се занимаваат со земјоделие и одгледување на животни. Тој начин на живот прво се јавува во Анатолија, денешна, околу 9-10.000 години пред нашата ера и постепено се шири на запад, а најраните неолитски локалитети во Европа се на Балканот. Ова не е најрано, ова е веќе доцен неолит, но имаме порани локалитети низ државата и во државите во регионот“, изјави Андреј Мачковски – археолог и дендрохронолог.
Локалитетот Пенелопа е откриен во 2000 година, од страна на Паско Кузман, но за прв пат се вршат научни истражувања. Научниците допрва ќе прават кабинетски испитувања за прецизни податоци.
„По истражувањето, сондата ќе се врати во првобитната состојба, значи ќе ја затрупаме и тоа е заштитата на локалитетот, бидејќи се работи за органски материјал, колци. Движниот археолошки материјал го дислоцираме во музеј, се конзервира, се истражува, примероци се земаат за лабораториски истражувања“, изјави Перо Арџанлиев – археолог.
Вредните археолошки наоди ќе бидат пренесени во музејот, каде што ќе бидат конзервирани и дополнително истражувани, како сведоштво за непроценливото богатство на локалитетот „Пенелопа“.
Приказната за локалитетот покрај каналот Студенчишта, продолжува – секој зачуван предмет отвора нова страница од животот покрај Охридското Езеро пред илјадници години.
Соња Рилковска
