Над 270 жртви и стотици исчезнати туристи во огромни свлечишта во Непал
Над 270 жртви и стотици исчезнати туристи-Непал се соочува со една од најтешките природни катастрофи. Поројните води и огромните свлечишта уништуваат домови, патишта и мостови, оставајќи цели региони отсечени. Спасувачките екипи се во трка со времето, додека земјите од целиот свет испраќаат помош и тимови за пребарување.

Спасувачите бараат преживеани по разорните поплави на границата меѓу Непал и Тибет. Повеќе од 270 луѓе загинаа, а над 1.300 лица се водат како исчезнати. Подрачјето и натаму е нестабилно, со ризик од нови свлечишта. Ситуацијата може дополнително да се влоши поради најавените врнежи во следните три дена.
„Добив телефонски повик од роднина кој ми кажаа дека кај нив надоаѓа многу вода. Ми рече-оставете ги вашите работи и бегајте. Се беше уништено за 15 минути. Не ни остана ништо“, Џалешвар Кумар Сахни, локален жител.
Од двете страни на границата, стотици странски државјани се водат како исчезнати. Меѓу нив има туристи од Индија, САД, Австралија и од Велика Британија.
„Меѓу исчезнатите има најмалку 34 Австралијци. Приоритет на владата е да потврди каде се наоѓаат и во каква состојба се. Очигледно, ситуацијата е тешка. Пристапот и информациите се многу ограничени со оглед на обемот на катастрофата, но ќе направиме сè што можеме за да ги утврдиме сите информации“, вели пени Вонг, министерка за надворешни работи на Австралија.
Јужна Кореја испрати тим за брза интервенција во Непал, за да ги поддржи напорите за пребарување и спасување на исчезнати јужнокорејски државјани.
„Тимот за брза интервенција, составен од министерството за надворешни работи, националната полициска агенција и националната противпожарна агенција, денес заминува за Непал. Ќе направиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме брзи и безбедни операции за пребарување и спасување на корејските државјани на терен во Непал“, изјави Лим Санг-Ву, водач на тимот за брза интервенција.
ЕУ, САД, Кина и Индија ветија и испратија хуманитарна помош. Тимови на ОН и хуманитарните партнери мобилизираат резерви и персонал за поддршка на регионите погодени од поплавите.
„Жал ми е за тешките поплави во Непал и кина, кои однесоа многу животи и предизвикаа големи разурнувања. Изразувам сочувство до семејствата на жртвите и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Мојата солидарност е со сите погодени“, Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Размерите на катастрофата се огромни. Водата, калта и карпите уништиле куќи, возила, патишта и мостови, оставајќи отсечени цели подрачја. Американскиот Геолошки завод соопшти дека свлечиштата и поплавите биле предизвикани од огромен одрон кој генерирал сеизмичка енергија еднаква на земјотрес со магнитуда од 4,4 степени.
Катерина Бојаџиева
