Македонија

Активни четири пожари, забраната за движење во шума продолжена

27.08.2026 14:13

И состојбата со пожарите е критична на одредени локации. Активни се четири пожари, на кои се ангажирани противпожарните екипи.

Центарот за управување со кризи информира за четири активни пожари, три се под контрола, а 24 се изгаснати. Активни се пожарите во општините Студеничани и Зелениково, Моране Вртекица – Рамни Габер и кракот кон с. Палиград, над Вражале и с. Тисовица – Општина Зелениково, каде гори мешана шума; општините Гостивар и Македонски Брод – с. Трново, со ширење кон селата Битово, Заград и Страјане, каде гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат; општина Чашка – над с. Нежилово, гори ниска вегетација и смреки; и општина Струга – с. Франгово, гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.

Под контрола се пожарите во општина Кичево – с. Тајмиште, каде горела високостеблеста букова шума; општина Делчево – депонија и ѓубре и во село Стрмница.

Директор на ДЗС, Стојанче Ангелов информира за справувањето со огнената стихија која сè уште беснее близу населените места и шумските подрачја.

Министерство за земјоделство ја извести јавноста дека забраната за движење во шума се продолжува до 30 септември 2026 година и ги повикува граѓаните на посебна претпазливост со цел да се спречат пожари на отворен простор.

Од ресорот порачуваат да се избегнува палење на оган за време на периоди на силен ветер или суво време, како и да се користат побезбедни методи за расчистување на земјиштето и отстранување на горливиот материјал.

Земјоделците и сточарите да бидат особено внимателни при извршување на активностите, за да не дојде до неконтролирано палење на земјоделско земјиште и пасиштата што е строго забрането со закон и претставува казниво дело, апелираат од Министерството.

Игор Панов