Седум милиони денари поддршка за компаниите од преработувачката индустрија преку два нови јавни повици
Со јавните повици се обезбедува конкретна поддршка во две значајни области – зајакнување на соработката меѓу компаниите и универзитетите преку заеднички проекти, како и воведување, имплементација и сертификација на стандарди и развој на практики на општествена одговорност.

Министерството за економија и труд објави два нови јавни повици со вкупна финансиска поддршка од 7 милиони денари, наменети за унапредување на конкурентноста на домашните компании од преработувачката индустрија.
Со јавните повици се обезбедува конкретна поддршка во две значајни области – зајакнување на соработката меѓу компаниите и универзитетите преку заеднички проекти, како и воведување, имплементација и сертификација на стандарди и развој на практики на општествена одговорност.
„Нашата определба е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки кои создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата. Со овие два јавни повици обезбедуваме вкупно 7 милиони денари за преработувачката индустрија, со фокус на иновациите, знаењето, новите технологии, стандардите и поголемата конкурентност. Сакаме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари“, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Првиот јавен повик, со вкупен буџет од 5 милиони денари, е наменет за зајакнување на соработката помеѓу деловните субјекти од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти.
Преку оваа мерка се поддржуваат нови иницијативи во областа на истражувањето, развојот, иновациите, трансферот на знаење и технологии, интернационализацијата и паметната специјализација. Проектите може да опфаќаат и користење на универзитетски лаборатории за испитување и истражување, подобрување на технолошките процеси и производи, воведување на циркуларна економија, зелена и дигитална трансформација, стручни анализи, консултации и специјализирани обуки.
Министерството обезбедува 70 проценти од докажаните трошоци, но најмногу до 500.000 денари по барател. Право на учество имаат деловни субјекти од преработувачката индустрија согласно НКД Рев. 2.1, кои имаат најмалку пет вработени на неопределено полно работно време пред објавувањето на јавниот повик.
Вториот јавен повик е со вкупен буџет од 2 милиони денари и е наменет за надоместување на дел од трошоците на компаниите за набавка, имплементација и сертификација на хоризонтални и други стандарди, стандардизациски документи и извештаи потребни за развивање и примена на социјално прифатливи практики, интернационализација и поголема конкурентност.
И по овој повик Министерството покрива 70 проценти од докажаните трошоци, но до 200.000 денари по барател.
Поддршката опфаќа и изработка на извештаи поврзани со SA 8000, BSCI, SMETA, GOTS и STEP, како и извештаи за ESG – Environmental, Social and Governance стандарди и практики и извештаи согласно ESRS стандардот. Ќе се признаваат докажаните трошоци настанати во 2025 и 2026 година.
„Со вториот повик сакаме да им помогнеме на компаниите да ги подигнат своите стандарди и да ги исполнат современите барања на пазарите. Денес конкурентноста не значи само да произведувате и да продавате, туку и да работите според стандарди кои отвораат можности за интернационализација и соработка со странски партнери. Затоа поддржуваме и сертификација, ESG и ESRS практики и други стандарди кои се важни за идниот развој на компаниите“, потенцираше Дурмиши.
Апликациите по двата јавни повици можат да се достават најдоцна до 15 септември 2026 година, во затворен плик до Архивата на Министерството за економија и труд, ул. „Јуриј Гагарин“ бр. 15, Скопје, или по препорачана пошта.
