ММА и МРТ со реакција за новите ТВ сервиси
Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис МРТ реагираат на заобиколувањето, но и злоупотребата на македонските закони. Ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во ААВМУ.

По серијата на написи и реакции на МРТ во врска со спортските канали Арена M1, M2 и M3 Премиум, кои подолг период работат без домашна дозвола, националните телевизии – членки на Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис МРТ реагираат на заобиколувањето, но и злоупотребата на македонските закони. Тие ќе поднесат и соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во ААВМУ.
Во продолжение следува реакцијата:
Националните радиодифузери членки на ММА и јавниот сервис МРТ се сериозно вознемирени од индициите дека со работењето на неколку нови телевизиски сервиси кои се креирани од српски, блиски до државата компании, се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
ММА и МРТ имаат материјални докази дека спортските канали Арена M1, M2 и M3 Премиум подолг период работат без домашна дозвола, а нашиот регулатор ААВМУ на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик.
Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор (РЕМ) каналите Арена M1, M2 и M3 Премиум не постојат што значи не се домицилни, српски канали. Истовремено, во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на српски јазик!
ММА и МРТ бараат органите на истрагата како и референтните институциите да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање на лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ сервисите како и кај службениците на ААВМУ.
Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права позната како ТВ пиратерија.
ММА и МРТ нема да дозволат истиот модел на евентуалното изигрување на законот да биде применет и за најавениот Евроњус Македонија, односно ААВМУ да го третира како странски сервис на начин сличен на Арена Премиум каналите, како што најавуваат нивните сопственици и структури од Белград. Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило.
ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во ААВМУ.
