Мицкоски: Преговараме со 5-6 потенцијални инвеститори за дата-центри, меѓу нив и голема мултинационална компанија
„Ова е новата нафта“, порача Мицкоски, додавајќи дека развојот на инфраструктурата за вакви инвестиции може да придонесе за отворање нови можности и враќање на младите во земјата.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата останува посветена на стратегијата за развој на дата-центри во земјава, оценувајќи дека ова е можност за економски развој и привлекување нови инвестиции. Тој информираше дека во моментов се преговара со пет до шест потенцијални инвеститори, меѓу кои и голема мултинационална компанија.
Мицкоски нагласи дека сите активности поврзани со ваквите инвестиции ќе бидат јавни и транспарентни. Во однос на проектот во Пехчево, тој посочи дека станува збор за приватна иницијатива и предлог за нацрт урбанистички план, во кој државата не учествува.
Премиерот ги отфрли критиките од опозицијата за влијанието на дата-центрите врз животната средина и ресурсите, оценувајќи дека дел од изнесените тврдења се резултат на непознавање на темата.
Според Мицкоски, развојот на дата-центрите е поврзан и со изградба на гасни централи за производство на електрична енергија, која потоа би се користела за нивните потреби.
„Ова е новата нафта“, порача Мицкоски, додавајќи дека развојот на инфраструктурата за вакви инвестиции може да придонесе за отворање нови можности и враќање на младите во земјата.
Тој оцени дека процесот е „неповратен“ и дека прашањето е дали Македонија ќе го препознае моментот и ќе се вклучи во глобалниот развој на вештачката интелигенција и податочните центри.
