Правда

Изборот за судија во Стразбур повторно под лупа

27.08.2026 17:49

По година и пол постапка, сè уште не е избран судија за судот во Стразбур, од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, велат дека воопшто не е невообичаена практика Експертскиот панел во постапката за избор на судии да има забелешки на предлозите за судии, па и за цели листи.

Не е невообичаена пракса Експертскиот панел во постапката за избор на судии да има забелешки на предлозите. Има досие за враќање на цели листи или на одредени кандидати, велат од Комисијата за избор на кандидат за судија во Стразбур од каде велат и дека не е најдена забелешка на нивната работа. Сепак, на ова реагира поранешната кандидатка Габер Дамјановска, според која Комисијата дома не си ја завршила работата, штом листата им е вратена.

„Факт е дека листата во целина е неурамнотежена. Бизарно е да се бараат кандидати за високопрофилиран судија, а на листата нема ниеден. Процесот е фаличен. Секој продукт на овој процес е дефектен. Треба се од почеток, со комисија која има пред сè интегритет и почитува правила. Селекцијата треба да е фер, оваа не е“, стои во објава на Фејсбук на Наташа Габер Дамјановска.

Од Комисијата и одговорија дека елементарната институционална култура налага внимателност и одмереност, посебно кога во самата Комисија членуваат претседателите на Уставниот и Врховниот суд, па оттука и креирањето на перцепција на недоверба може да се смета како атак на демократските постулати во секое општество.

„Комисијата сепак смета дека е неприфатливо кандидат кој е незадоволен од работата на комисијата, нејзината работа да ја квалификува на недостоен начин. Во таа смисла доколку и комисијата одговори на истиот начин, одговорот би бил дека тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на комисијата“ – реакција на Комисијата за избор на кандидат за судија во ЕСЧП.

Листата на кандидати за македонски претставник во судот во Стразбур претрпе трета измена, откако експертското тело на Советот на Европа ја отфрли кандидатурата на адвокатката Ана Дангова Хуг, а Комисијата на нејзино место ја номинираше Јелена Ристиќ.

Анита Димитријевска – Велковска