Ако кризата се продлабочи, ќе има мерки
Растот на цените на горивата може да се одрази и врз цените на храната и транспортот, но засега инфлацијата се стабилизира, вели министерот Дурмиши. Тој најави засилени инспекциски контроли, како и два нови јавни повици за поддршка на преработувачката индустрија.

Растот на цените на горивата може да повлече поскапување и на храната и на транспортот, од тоа не може да се побегне, но и покрај сè, инфлацијата се стабилизира и два месеца храната е со благо поевтинување. Ова го вели министерот за економија Бесар Дурмиши, кој потсети дека сè уште имаме најевтин бензин и дизел во регионот.
Во моментов, рече, не се предвидени мерки како намалување на ДДВ за горивата, но ако треба, ќе се направи сè за да се заштити стандардот на граѓаните.
Од Владата најавија контроли и во книжарниците и секаде каде што се продава училиштен прибор, откако стапи во сила одлуката со која поевтинува училишниот прибор до 30 септември.
Во меѓу време, инспекцијата ќе прави засилени контроли. Ќе се проверува дали има девијантно однесување на трговците, и ако има, ќе се казнуваат. Министерот рече дека имало профитни маржи и од 20 до 30%, поради што се презеле ограничувања.
Инаку, Владата и Министерството за економија се отворени за дијалог со социјалните партнери за промена на формулата за усогласување на минималната плата, но сите решенија мора да се носат врз основа на реални економски параметри.
Министерот најави и два нови јавни повици од седум милиони денари, за унапредување на конкурентноста на домашните компании од преработувачката индустрија.
Борис Грујоски
